

Кога возрасниот треба да се справува со бесот кај детето се соочува со збунетост ,загриженост и исцрпеност , а всушност се соочува со сопственото чувство на бес и немоќ да се справи со истото. Во таков случај треба да се подсетиме дека во текот на животот не секогаш сме можеле да се справиме со нападите на бес и лутина , туку тоа сме го учеле постапно , искуствено. Многу родители сметаат дека ако детето е луто, бесно, тогаш е и лошо, притоа заборавајќи дека треба самите да се справат со таквото расположение на детето. Целта е да не се поттиснат или уништат ваквите чувства кај децата , туку напротив прифаќајќи ги, ги насочуваме кон конструктивни решенија. Децата низ процесот на растењето мора да ги осетат сите свои чувства.
Искуството и способностите на возрасниот можат да бидат насочени кон укажување на прифатливи начини за реакции. Силните чувства не треба да бидат потиснати, изливите на бес не треба да се гледаат како голем проблем, туку тие треба да се препознаат и да се третираат со почит. Притоа, за да можеме да реагираме ефикасно во ситуација на агресивно однесување на детето, потребно е да знаеме што може да го предизвика тој излив на бес. Пред се’ треба да се знае дека тие изливи се како одбрана во одбегнување на болни чувства, поврзани со неуспех, низок степен на самодоверба, чувство на изолација, чувство на немоќ, тага, депресија или пак со чувство на зависност.
Пред да се запознаеме со специфичните начини на реагирање на детето при лутина, бес или агресија, треба да знаеме дека постои разлика меѓу лутење и агресивност. Лутењето е привремена емоционална состојба која е последица од немоќ, повреденост, беспомошност или потиштеност, а агресивноста е често обид да се повреди личноста или нешто што е материјално околу него. Во секое однесување на детето треба да се знае дека лутината и агресијата не мораат да бидат непријатни зборови, дека постои разлика во однесувањето кое укажува на емотивни проблеми и на нормалното однесување. Во текот на детството лутината и тагата се многу блиски и притоа мора да се нагласи дека она што возрасните го доживуваат како тага, децата го доживуваат како лутина.
Во борбата со детскиот бес нашето однесување треба да биде поттикнато од потребата да го заштитиме, дознаеме што се случува и да допреме до него, а не да го казниме. Родителите и учителките треба да му покажат на детето дека ги разбираат неговите чувства, но и да предложат други начини на реакции. Возрасниот може да каже, на пример „Кажи ми дали знаеш како би реагирале некои други деца во ваква ситуација“. Не е доволно да се каже кое однесување е прифатливо или не за нас, туку децата треба да ги научиме на други поприфатливи начини на реагирање со надминување. Потребно е да се пронајдат патишта за укажување на тоа што ние очекуваме. Тука мора да се потенцира дека казната не е метод за комуникација со децата, или барем не е ефектен. Затоа не е на одмет да се потсетиме, од стручната литература, на некои предлози што ќе ги понудиме. Овие идеи треба да се разгледаат како суштинско корисни, а не како готварски рецепти. Секое дете заслужува единствен и индивидуален пристап кон неговата личност, а не само кон неговото однесување.
„Фати“ го детето додека е добро.
Објаснете му на детето кое однесување е прифатливо за вас, реагирајте на позитивните обиди и поттикнувајте го доброто однесување. Родител кој е чувствителен и кој го забележува позитивното однесување на детето, ќе пронајде безброј можности во текот на денот да прокоментира во стилот на „Одлично постапи што ги среди играчките“, „Ме радува што игравте заедно со сестра ти и што и’ ги даде твоите колички“, „Добро е што овојпат си го испи целото млеко“ и слични коментари на позитивното однесување. Ако во меѓувреме детето реагира несоодветно треба да се игнорира, но само постапката а не и детето. „Игнорирањето“ мора да биде испланирано и доследно. Иако едно однесување е толерирано сепак детето треба да се научи да го препознае дека е несоодветно.
Излезот од ситуациите на лутина и бес треба да се бара во физичка активност или друга алтернатива. На децата им е битно да имаат физички вежби и активности, како дома така и во градинка. Секогаш треба да му се понудат алтернативни можности за замена на лутината и бесот. Манипулирајте со околниот простор. Агресивното однесување може да биде поттикнато и од ситуации кои за детето се неприфатливи. Можете да испланирате каде ќе одите и тоа треба да се знае однапред, да се подготви средината и просторот за престој поволно за сите, посебно да не се опоменуваат поедини деца кои можат да развијат агресија. Доколку е тешко и ако не успевате да избегнете одредени околности, испланирајте однапред како да го спречите „проблематичното“ однесување со замена за посакувано. Многу е битно да не се ограничуваат тие деца со строги правила и прописи и потребно е да се создаде блискост.
Заклучуваме дека ограничувањето на просторот, поставувањето на строгите правила и прописи се можни причини за поттикнување на бесот и агресијата кај поедини деца. Секогаш треба да се води грижа за создавање на баланс, притоа да се покаже и физичка блискост кон детето да се скроти неговата лутина. Помалите деца можат да се смират ако им се пријде поблиску и ако се покаже интерес за нивната активност. Природно децата се обидуваат да ги вклучат возрасните во она што го работат, додека пак за возрасниот тоа е попречување во секојдневието. Во интересот на помалите деца ( и деца кои се емоционално лишени) е што поголемо учество на возрасниот. Дете кое има намера да ја употреби играчката на деструктивен начин (да ја искрши или уништи), полесно ќе го сопрете во намерата ако му пријдете и побарате да ви ја покаже и опише. Заради тоа возрсниот секогаш треба да биде спремен да покаже трпение, умешност и блискост. Многу често, за детето што е бесно и луто, потребно е прегратка или некој друг вид на потпора , за да си ја поврати контролата. Само оние деца кои имаат сериозни емоционални проблеми тешко го прифаќаат вниманието што им се нуди. Битно е да се обратите директно кон детето да му обрнете внимание и да му помогнете да го надмине бесот со емотивен приод и разбирање, но и да му укажете на причината за стресната ситуација. Понекогаш и не сме свесни колку лесно малите деца можат правилно да реагираат штом ја разберат причината на фрустрацијата. Охрабрете го детето
Помогнете му на детето да се запознава себе си, да умее да ги проценува ситуациите, да верува во себе, а притоа користете техники за стекнување и јакнење на самодовербата. Корисно е и да се користат ветувањето и наградите како помошно средство. Ветувањето дека детето ќе биде наградено може да се користи пред и по некоја активност за која се претпоставува дека ќе предизвика бес кај него. Оваа постапка не треба да се смета како условување, затоа што децата сакаат да бидат наградувани, а притоа учи одговорно однесување од своите родители кои го исполнуваат своето ветување.
Кажете „НЕ“ на детето како поставување на граница на однесување
Границите во однесувањето на детето (всушност границите се правилата на однесување) мораат да бидат јасно објаснети и децата да можат слободно да функционираат во нивните рамки.
На детето мора да му се објасни дека возрасниот го прифаќа неговиот бес, но не и неговото бесно однесување. Понудетете му алтернативни предлози во замена за изразување на бесот. Научете го детето својот бес да го претвара во зборови кои ќе го искажат нерасположението, а не во бунтовност. Зборувањето ќе му овозможи на детето да ја врати контролата и со тоа да го замени непримерното однесување со посакувано. Советувајте го детето во ситуација која го вознемирува, пред бурно да реагира нека објасни зошто истата му создава негативен набој, на пример „несакам кога ми ја земаш боичката со која бојам, таа ми е потребна “, или пак кога некој ги провоцира во текот на играта да кажат дека „така не се игра и дека постојат некои правила“.
Во целата оваа желба да се постигне подобро однесување на поедини деца потребно е возрасниот да има изградено позитивна слика за себе и со своето однесување да биде пример и огледало на ценета и корисна личност. Моделот на соодветно реагирање има силно влијание врз однесувањето на децата.
Многу внимателно да ги користите казните при опоменета на детето. Иако во принцип тие треба да се сведат на минимум и тоа во неопходно потребни ситуации каде ескалираат односите до степен на „зовривање“.
Добрата дисциплина вклучува создавање атмосфера на тивка непоколебливост, јасност и одговорност, која доаѓа од користење на расудувањето. Лошата пак дисциплина повлекува со себе казна која е прекумерно строга и несоодветна. Таа е често поврзана со потсмевање, навредување, понижување и напад врз детскиот интегритет.
Една од најважните цели кон која тежнееме како родители, учители, педагози и стручњаци за менталното здравје, е да му помогнеме на детето да развие почит како кон себе така и кон другите околу себе (и деца и возрасни). За постигнување на сето ова потребни се години на трпелива пракса, многу важен процес во кој родителите, учителите, наставниците и сите оние грижливи возрасни личности можат и мораат да играат пресудна и многу одговорна улога.
За исполнување на крајната цел мораме да ги гледаме децата како достојни индивидуи кон кои треба да се однесуваме искрено, доследно и со почит.
Почитувањето е битната компонента во зголемувањето на самопочитта на детето. Постојат неколку начини на кои родителите можат да покажат почитување кон своето дете. Можат да му понудат да одбира, а потоа да се одобри и почитува неговата одлука. Со покажувањето на верба во способноста на детето да направи избор му се помага во изградувањето на самодовербата. Спротивната постапка на оваа, го прашувате детето за избор , а не го почитувате истиот, одејќи по ваш избор, ја намалува можноста детето да се почитува себе си. Ова родителите многу добро го знаат , затоа што таквите постапки на работа и во секојдневното живеење ги фрустрира.
Објект „Тафталиџе“
Објект „Тафталиџе 1“
Објект „Тафталиџе 2“ и „Јасмин“
Пополнете ја апликацијата со точни информации за вашето дете и испратете ни ја преку нашата веб страна или на маил majskicvetskopje@gmail.com. Важно е да знаете дека поднесената апликација значи само изразување интерес за запишување, но не и конечен упис.



Објект „Тафталиџе“
Објект „Тафталиџе 1“
„Тафталиџе 2“ и „Јасмин“

© 2024Artefix Agency