

Семејството е првата средина во која се формира и развива детското самопочитување. Како децата ќе се однесуваат еодраз на тоа како се доживуваат себеси. Само дете кое ги познава своите вредности спремно е да го испитува и осознава светот околу себе. Личностите што имаат позитивно мислење за себе, имаат и позитивен став за нештата околу себе. Тие ќе го истражуваат светот околу себе слободно, ќе работат на остварување на своите цели и низ животот ќе чекорат со позитивни очекувања и лично задоволство.
Самопочитта не е вродена, каква слика за себе детето ќе стекне зависи од раните пораки на родителите и средината и истата ќе се менува под влијание на контактите со други деца и возрасни. Како детето ќе се гледа самото, зависи во најголема мерка од родителите . Затоа улогата на родител е голема одговорност.
Секој родител се надева дека неговото дете развива позитивен став кон себе си и своите способности. Внатрешната слика за себе детето ја создава многу рано. Од самото раѓање бебето учи како луѓето од околината реагираат на него и како го гледаат. Во периодот од околу 18 месеци, детето е свесно дека има свој и посебен идентитет. Во таа најрана возраст, стекнувањето на доброто мислење за себе е поврзано со препознавањето на единствените квалитети од страна на околината. Важно е родителите да обрнат внимание на темпераментот ( дали нивните очекувања одговараат на истиот) како и на моменталната фаза на развојот , споредбено со вродените особини.
Почитувајте го правото и потребата на детето да ги искаже своите чувства. Набљудувајте го своето дете, зад секоја негова постапка се крие емоција. Чувствата не можеме да ги делиме на посакувани и непосакувани, сите емоции се прифатливи и нормални.
Посебно во предучилишниот период детето е посебно осетливо на пофалбите, прекорувањата и казните. Детето радосно реагира и е гордо кога е пофалено, а на секој прекор или казна реагира со солзи. Срамежливоста се јавува пред крајот на предучилишниот период. Посебно е видлива кога треба да се настапи пред непознати лица. Во периодот од 2 до 6 години најизразени емоции се гневот, стравот, љубовта и љубомората, радоста и тагата. Прифатете ја секоја емоција и не се чувствувајте, како родители, виновни за ситуацијата со грижа дека сте лош родител. Објаснете му на детето дека ги разбирате неговите чувства и дека и вие понекогаш така се чувствувате давајќи му пример што правите кога сте лути или тажни.
-Пример: Дете (4год.)реди кула од коцки, но не успева да ја направи онака како што сака. Во лутина ги расфрла коцките во просторијата со сета своја силина.
-Реакција на неприфаќање на бесот ( Неправилна реакција на родителите): „Престани да беснееш, ако не умееш убаво да си играш остави ги коцките, не се тие за фрлање .“
-Реакција на прифаќање на бесот (Правилна реакција на родителите) „Многу си бесен/бесна заради таа кула, и мене често ме разбеснува кога нема да ја завршам својата работа како треба. Понекогаш ми помага кога малку ќе се одморам, па потоа ќе се обидам повторно.“
Децата многу рано учат да ги пригушуваат своите негативни чувства , заради срамот од родителската лутина: “ Мора да сум многу лош кога мама/тато ми се лути.“
Јас-пораките се начин на соопштување со кој можеме да влијаеме на промените на однесувањето на децата без обвинувања, напаѓања и навреди, што овозможува детето да го промени своето однесување , без притоа да создава лошо мислење за себе. Треба да се користи јас-порака, а не ти-порака. Така на детето му соопштувате што со вас се случува во врска со неговото однесување, како се чувствувате и како би сакале нештата да се променат.
На пример: Девојче (4год.) прелистува сликовница, на подот од нејзината соба расфрлани се играчки иако постои договор со родителите дека откако ќе заврши играта играчките треба да бидат прибрани.
Ти-порака: „Ти навистина си многу неуредна , види што си оставила зад тебе, колку е се’растурено“
Јас-порака: „Мене овие играчки на подов некако ми пречат и разочарана сум што договорот не се почитува. Те молам да ги ставиш сите играчки во корпата.“
Користете специфични пофалби и критики
Децата со самодоверба ги прифаќаат предизвици , работа и соработка со други лица. Кога кај децата не се развива смодовербата тие се фокусираат на неуспех место на успех, на проблеми место на решенија, на препреки место на целта. Не постои еден пат за зголемување на самодовербата, но еден од начините е на децата да им се покаже „безусловно позитивно почитување“, односно прифаќање на детето како личност, дури и тогаш кога неговото однесување е неприфатливо. Децата ја препознаваат вистинската искреност и пофалби кои доаѓаат од срце , затоа што таквите пофалби се однесуваат на нешто конкретно што детето го направило. Понекогаш трошиме многу време зборувајќи колку е добро детето и колку тоа со време му станува небитно. Многу подобро е кога примедбите се поодредени од типот „Колку си се потрудил/ла да направиш толкава кула, или ти благодарам што и’помогна на сестра ти да ги собере играчките“.
Во случајот се пофалува конкретната постапка, а се критикува однесувањето, а не детето. На пример: - Критика на детето „ Е навистина си непослушен/на. Никогашне ме послушуваш кога ќе те замолам да ги собереш играчките“. -Критика на однесувањето „Тоа што не си ги собрала твоите играчки не е во ред. Ти си вредно дете и сигурна сум дека ќе ги собереш наскоро“.
Овозможете му на детето простор за самостојност Во периодот од 3 до 6-тата година детето го развива чувството за одговорност, се’ повеќе се осамостојува и превзема иницијатива, меѓутоа ако тоа не му е дозволено и охрабрувано, може да доведе до чувство на вина. Доколку детео не чувствува одговорност за тоа што го прави или е вознемирено, во тој случај ќе развие чувство на вина. Поголем дел од чувството на вина се компензира со чувството на подвиг, успех и достигнување. На децата им е потребна поддршка за да направат избор за она што го сакаат и да научат кога тоа е невозможно. Родителите често знаат , заради нивната преголема загриженост, да го оневозможат развојот на детската самостојност, иницијативност, и тие самите се’да направат за своите деца, дури и она што го можат самите тие.
Почитувањето е битната компонента во зголемувањето на самопочитта на детето. Постојат неколку начини на кои родителите можат да покажат почитување кон своето дете. Можат да му понудат да одбира, а потоа да се одобри и почитува неговата одлука. Со покажувањето на верба во способноста на детето да направи избор му се помага во изградувањето на самодовербата. Спротивната постапка на оваа, го прашувате детето за избор , а не го почитувате истиот, одејќи по ваш избор, ја намалува можноста детето да се почитува себе си. Ова родителите многу добро го знаат , затоа што таквите постапки на работа и во секојдневното живеење ги фрустрира.
Потполната дозвола за избор на детето може да доведе до чувство на несигурност, неуспешност, а во некои ситуации и страв. На детето му се дозволува избор тогаш кога не ја загрозува својата и туѓата безбедност, како на пример: која играчка ќе ја одбере, што ќе облече, дали ќе си игра само или со други деца, дали ќе каже зошто е нерасположено... Ситуации во кои родителот го превзема изборот : игри кои се опасни за него и другите, ситуации поврзани со личната хигиена, кога детето е болно (одење на лекар, примање на терапија...), дали ќе излезе надвор само (мора да му се образложи вашата одлука).
Помагајте им на децата , но немојте да се жртвувате за нив. Не им ги наметнувајте сопствените амбиции, дајте им слобода и поддршка да се изразат и да се развиваат по сопствен пат. Грижете се за себе, затоа што сте им потребни на децата. Покажете му ја својата љубов, а не дека тоа се подразбира.
Истражувајќи го светот околу себе, децата често ќе доаѓаат во ситуација кога ќе се обидуваат нешто да направат, а реално не се во можност, тогаш не треба да се обесхрабруваат туку треба да им се понуди помош, а доколку детето претрпи неуспех објаснете му дека тоа е нормално и дека на секого може да му се случи. Понекогаш родителите грешат и кога имаат преголеми очекувања во однос на можностите на детето и ги форсираат одредени активности на децата, а на неуспехот реагираат со лутење и казнување што ќе придонесе чувство на некомпетентност, а тоа индиректно влијае нха самопочитта.
Пораки кои го поттикнуваат развојот на самопочитувањето:
Објект „Тафталиџе“
Објект „Тафталиџе 1“
Објект „Тафталиџе 2“ и „Јасмин“
Пополнете ја апликацијата со точни информации за вашето дете и испратете ни ја преку нашата веб страна или на маил majskicvetskopje@gmail.com. Важно е да знаете дека поднесената апликација значи само изразување интерес за запишување, но не и конечен упис.



Објект „Тафталиџе“
Објект „Тафталиџе 1“
„Тафталиџе 2“ и „Јасмин“

© 2024Artefix Agency